Видео микс од мојата стара VHS колекција
На денешен ден, 8 Септември, пред точно 20 години, јас како средношколец бев во првите редови пред бината на плоштадот Македонија во Скопје, каде со голема радост бев сведок кога беше прогласена независноста на Република Македонија. Многу од денешниве новокомпоновани „патриоти“ тогаш не беа ни родени (к’о овие што го изгнасија Блогерајов со нарачани спамови по директива од владејачката гарнитура) или пак се грлеа и љубеа со Слоба (к’о сегашниот „антички македонец“ Д. Павловић например, кој сега си дава за право да лепи етикети за „предавници“ и сл.).
На историскиот собир на 8 септември 1991 бев со еден пријател, со кого неодамна се сретнав после долги и долги години и баш евоциравме спомени и се чудевме како така летна времето. Но и обајцата не чувствувавме радост, а горчина од она што сега и’ се случува на земјава, чија независност со толку радост ја дочекавме. Потполно партизирана, таа е сведена на приватна фирма на неколкумина од врхушката, граѓаните се уценувани за своите работни места, критиката се замолкнува со тужби, клевети и етикетирања, се забошотуваат убиства, се амнестираат воени злосторства, се спроведува селективна „правда“, среде економска беда фршти кичерај насекаде, се создава псевдо-историја, тв екраните се полни со „стручњаци“ ко оној, кој на расипан бугарски толкува „античко-македонски“ зборови или Донски „чувеко кој е зборел со духо на Александар“ или пак Ниче Димовски со неговата фамозна „Молитва“ и „македоноидите до Тихи Океан“. Зборот „патриотизам“ денес е сведен на навреда. Не отидов на прославата на 20 годишнината (т.е. еднопартискиот режимски циркус).
А помнам како да беше вчера. На бината премиерот Никола Кљусев, претседателот Киро Глигоров и други видни личности. Најпрвин беа прочитани резултатите на Референдумот за независност за секоја општина одделно, при што од насобраната маса беа проследувани со овации или исврикувања во зависност од тоа како каде се гласало (напр. во Штип 100% „за“, додека во некои средини, како напр. Куманово или во албанските, немаше толкав ентузијазам). По заклучокот дека Референдумот поминал успешно, свечено се прогласи Независноста на Република Македонија со симболично отворање не на бело шампањско (како што нормално очекувавме), туку црвено пенливо вино (дали е тоа свесно направено, ради симболиката на црвената боја или во брзање не нашле, не знам).
Во масата, граѓани на Скопје и од внатрешноста, и помлади и поворазни, некои и со деца, но и доста навивачи, што е нели вообичаено. Еден од нив беше и урбаниот (поточно, помалку симпатично рурален) лик Штраки од Ѓорче, го знаат луѓето кои одеа на утакмици на Западната трибина. За разлика од стадионските тепачи, беше многу мирољубив, дури и наивно добродушен. Беше некаков кичаст квази металец со виткани џигерици, рамбо лента врзана околу главата, маица G’n'R, Skid Row или така нешто, кичасти кошули во цветен дезен и тон разно разни панаѓурски џиџи-миџи на него (ланчиња, прстени, стегачи и остали џинџуфи.. ма не се опишува, мора да се види, не џабе го викаа „елка“). Среде морето транспаренти и знамиња со сонца и лавови, тој мафташе некакво знаме на некој италијански фудбалски клуб, во чија средина имаше портрет на некој познат фудбалер (некој ми рече, да не бил Марко Ван Бастен). Камерите го регистрираа, така што и ден денес, 20 години по прогласувањето на независноста, неговото смешно знаме се појавува на историските документарни снимки кои со гордост ги гледате на домашните, па и странските телевизии.
Објективно, ВМРО-ДПМНЕ беше најбескомпромисната од сите партии во заложбите за независност, иако темелите претходно ги постави МААК – Движењето за Семакедонска Акција на Гане Тодоровски. Но ВМРО-ДПМНЕ, иако неспорно популарна, создаваше одбојност еден дел од граѓаните затоа што кон себе привлече поприлично проста маса, брадати тепачишта со црвени беретки, златни ланци и пиштоли набутани у тренерка, алкоси, шибицари, робијаши и остали лумпенпролетаријат. Во таа национална еуфорија, таквите лесно можеа да се попалат и да ја втурнат земјата во конфликт од широки размери, но за среќа надвладеа мирољубивоста на нашиот народ (или можеби, безбедносните служби останати од времето на СРМ фино комуњарски тоа го ставија под контрола). Георгиевски беше тој, кој првпат проговоре за: македонска надворешна политика, армија и репрезентација и други нешта, кои на многумина кај нас на почетокот им делуваа неостварливо. Јас веќе бев запознаен со таквите идеи нешто пред да се појават кај нас, затоа што во 1990 бев во дијаспората, кај роднините-печалбари во Австралија.
Тоа беа тешки моменти, Лазански и „Застава филм“ „добронамерно“ не’ предупредуваа од екраните „Грција има толку-и-толку тенкови и авиони, Бугарија толку-и-толку, Албанија толку-и-толку, па доколку Македонија би станала независна држава…не би знаеле баш колку долго таа би можела да опстои….“. Кога Милошевиќ, Шешељ, Туѓман и останатите почнаа да звецкаат со оружје и кога под нејасни околности во Сплит пострада македонското војниче Сашко Гешовски (по што следуваа и протести на скопјаните пред генералштабот во Дебар Маало), веќе секому стана јасно, дека единствен разумен потег е Македонија да се осамостои. Добро, не секому, некои уште со љубов гледаа кон Слобо (к’о Ѕинго например).
Следуваа тешки епизоди од нашата понова историја: напорните преговори со ЈНА и нејзиното повлекување при кое остави пустош зад себе, загинувањето на министерот Мијалков, Битпазарските настани 1992 (млади и луди ко што бевме, отидовме со друштвото да зирнеме што се случува, но од кога се чуја истрели фативме пут под ноге), па се случуваа гранични провокации од српска страна на Чупино брдо, дојдоа UNPROFOR, се случи аферата со албанската паравојска, атентатот на Киро Глигоров, Ѓорчепетровските немири, криминални приватизации, ТАТ, Гостиварските настани и апсењето на Руфи Османи, Студентските протести 1997, непромислената авантура со признавањето на Тајван, Косовската криза, конфликтот 2001 итн… итн….
Пријателот со кого бевме сведоци на историскиот настан на 8-ми Септември 1991, сега е некаде во белиот свет, „трбухом за крухом“, р’мба, мака мачи, како и многу други од моето некогашно друштво. Сите душа дава за Македонија, а речиси никој од нив во оваа земја не најде достоен живот. Погореспоменатиот лик Штраки пак, стана социјален случај, го видов пред некоја година на ТВ со жена му и децата како буквално немаат што да јадат.
Патем, да ве потсетам и на текстот по повод 15 годишнината од Независноста, кој го објавив на стариот Блогерај во 2006:
http://vbb.blog.com.mk/node/42905